Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Во изложбениот салон на Дом на култура „Тошо Арсов“ Виница, денес се одржа настан по повод одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Денешниов настан е во организација на Музеј „Теракота“, а во соработка со Дом на култура „Тошо Арсов“ и Здружение на уметници УМ-Виница и е дел од проектите кои се одобрени и финансирани од Министерството за култура како проекти од национален интерес.
Голем број на уметници од УМ-Виница донираа по едно свое уметничко дело а истите беа купени од неколку приватни фирми од Општина Виница и од градоначалникот Миле Петков.
Средствата соберени од овие уметнички дела ќе бидат донирани во Дневниот центар за згрижување на лица со посебни потреби во Виница.
Многубројната публика имаше можност да ужива во прекрасните изведби на лицата со попреченост од Дневниот центар, кои на свој и единствен начин се претставија со две музички точки, под раководство на Гоце Богданов, како и на изведбите на хорот при ООУ„Славчо Стојменски“ Виница, под раководство на наставникот Христијан Каранфилов.
Дека инклузијата ни е потребна на сите и се учи уште од најмали нозе ни докажаа и дечињата од детската градинка „Гоце Делчев“ Виница, кои заедно со нивните наставнички и воспитувачки подготвиле рачно изработени подароци за лицата со попреченост и со љубов им ги подарија.
Во текот на настанот Музеј „Теракота“ додели благодарници за успешна соработка на градоначалникот на Општина Виница Миле Петков, како и на членовите на УМ-Виница, Дом на култура „Тошо Арсов“, соработници и раководители на приватни фирми кои даваат голема поддршка на настани со ваков и сличен карактер.