153 години од раѓањето на Гоце Делчев

0

Ѓорѓи Николов Делчев, попознат како Гоце Делчев е роден 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија. Основното образование го завршил во родниот град, а средното во Солунската машка гимназија. Во пролетта 1892 година стапил во Военото училиште во Софија. Од таму е исклучен на 16 септември 1894 г. и есента истата година е назначен од егзархијата за учител во Ново Село, Штип, каде што работи две години и целосно и се посветува на револуционерната дејност. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Македонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Учествувал на Солунскиот конгрес на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето. Со Ѓорче Петров ги изработиле новиот Устав и Правилник на Организацијата. Гоце Делчев се залагаше за самостоен развој на Движењето и за организирање на македонските маси, без оглед на верата и националната припадност. Ослободувањето на Македонија го гледаше како нејзина внатрешна работа. “Ние не мислиме да правиме политика, ниту на други да им дозволиме да прават политика со Македонија. Нашата борба за нас тоа е живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме. Кога ќе се прави востание ќе реши народот” велеше тој. “Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија, ни од која било друга сила, туку треба да се подготвиме од внатре – во душата на секој селанец да се проникне таа идеја”. Загина на 4 мај 1903 година во борба со турскиот аскер, во с. Баница, Серско, Егејска Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *